Рускиот митрополит Антониј, директор на Одделот за меѓународни односи на Руската православна црква и викар на патријархот Кирил, денеска доаѓа во посета на МПЦ-ОА, а информацијата за Телма утрово ја потврди и митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, Тимотеј. Тој вели дека Антониј ќе има средба со поглаварот на МПЦ-ОА, г.г.Стефан во Скопје, но засега нема информации каде точно ќе се одржува.
Вели и дека не знае точно која е целта на посетата, но митрополитот дебарско-кичевски најави дополнително соопштение во текот на денот. Средбата се случува во време кога МПЦ-ОА го очекува томосот од Вселенската патријаршија за автокефалност.
Претходно дел од бугарските медиуми, повикувајќи се на црковни извори, пишуваа дека митрополитот Антониј доаѓа во Скопје да ги убедува македонските владици да не преговараат со Вселенската патријаршија и да бидат на линија со РПЦ. Додаваат и дека митрополитот Антониј во декември минатата година во Софија имал „тајна“ средба со бугарскиот патријарх Неофит по која, како што посочуваат, Синдот на БПЦ одлучи да го признае томосот на СПЦ за автокефалноста на МПЦ-ОА.