Ивон Величковски, политичар и аналитичар на внатрешно-политичките процеси, денеска иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум и одбивањето да гласаат за внесување на бугарското малцинство во Уставот, ги оцени како противречни на некои од нивните досегашни политики и на претставничката демократија која го отсликува уставното уредување на државата и еднаквоста на сите граѓани.
Неговата реакција ја пренесуваме во целост:
Иницијатива за референдум и противење на промена на Преамбулата: Контрадикторна „принципиелност” за збунета пракса. Мицкоски иницира референдум за Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Согласно Уставот кој принципиелно нѝ ја гарантира и непосредната и претставничката демократија. Истовремено тој одбива неговата пратеничка група да гласа за дополнување на уставната Преамбула со Бугарите, Хрватите, Црногорците… кои живеат во Македонија.
Преамбула која: заедно со Уставот го промовира принципот на гарантирање на личните и колективните граѓански права; со амандманите од 2001, го преточува Рамковниот во Уставот за спроведување на принципот на остварување колективни права на граѓаните. Устав, Преамбула, Рамковен договор донесени со гласови и на ВМРО-ДПМНЕ, во и по 1991. По истите демократски принципи од кои произлегоа и самиот Устав и правото на референдумско изјаснување.
Накратко, ако беше за принцип, раководството на ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата можеби ќе тераше иницијатива за референдум, но секако ќе ја поддржеше промената на Преамбулата за да го одразува етничкиот колорит и реалност на земјата. Принципиелно, ниту Македонците ниту Албанците, Бошњаците, Власите, Ромите, Србите, Турците до сега не се во Преамбулата поради меѓународен договор туку како реалност. Оттука и Бугарите, Хрватите, Црногорците… заедно со претходно набројаните од сега не би биле дел од Преамбулата поради меѓународен договор – туку како реалност.
Остварувањето на правата не е „подарок” од државата, туку смисол на постоење на државата.
Само таквиот пристап Македонците ги прави (с)уверени во својата еднаквост со другите народи во земјата, соседството и пошироко. И со тоа – рамноправни и дома и надвор. Наместо како досега несигурни меѓу себе и кон другите и зависни од правно-политички толкувања. Ниту лажно супериорни ниту снисходливо инфериорни, употребливи само за дневната политика од подрумите на Це-Ка во Скопје, Белград или Москва. Принципиелно, ова е темата и за неа допрва ќе зборуваме.