По повод Меѓународниот ден на старите лица кој се одбележува на 1 окомври, првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби ја истакна посветеноста и грижата на Владата за пензионерите во државава.
„Со измените во Законот за пензиско и инвалидско осигурување се обезбедува континуирано зголемување на пензиите, а за една година успеавме да ги зголемиме пензиите за минимум 16% со новата методологија што се спроведуваше во соработка со Партијата на пензионери и Здружението на пензионери.“, истакна Груби.
Усогласувањето на пензиите ќе се врши два пати годишно, на 1 март и на 1 септември, врз основа на податоците од Државниот завод за статистика. Со новата методологија, 330.000 пензионери со пензијата од септември месец која во моментов е 16.300 денари, ќе имаат по 900 денари плус секој месец, ова е рекордно зголемување во последните години.
За 12 месеци од 2022 година заедно со директна парична помош ќе имаат во просек 12.000 денари повеќе во нивниот буџет.
Покрај зголемувањето на пензиите со новата методологија, пензионерите во месеците март, април и мај користеа и по 1.000 денари како финансиска помош за справување со економската и енергетската криза.
Новата методологија за пензиите обезбедува: континуиран раст,пензионерите имаат зголемување на нивните пензии од 6,8%, со што заедно со зголемувањето од 2,9% го достигнуваат нивото од 10%, со последното зголемување во месец март.
„Се грижиме за постарата генерација, за подобар живот и стандард на живеење, еднакви можности, развој и просперитет на општеството!“, истакна Груби на социјалните мрежи.