Стратегијата на НАТО за одвраќање и одбрана мора да биде придружена со правилна комуникација во и надвор од оперативната зона. Секој од нас има улога во спроведувањето на комуникацијата кон домашната публика и кон сојузниците, рече генералот на затворањето на конференцијата чиј домаќин годинава е Скопје.
„Следното нешто што би сакал да го споменам овде е огромната важност на нешто што ја промени сликата на бојното поле, и таа слика е замаглена и не може лесно да се препознае во споредба со конвенционалните воени операции од минатото. Тоа се операциите од областа на комуникациите“, рече Ѓурчиновски.
Армијата и Министерството за одбрана, како што нагласи тој, интензивно работат на развој и подобрување на способностите во областа на стратешките комуникации со цел да се зголеми ефикасноста на комуникациите согласно доктрината за комуникации на НАТО.
Покрај генералот Ѓурчиновски на завршниот дел се обратија: Леонора Расел, Советник за односи со јавноста и стратешки комуникации која се заблагодари за одличната организација и успешна реализацијата на конференцијата, Џеј Пакстон, началник на секторот за односи со јавност во НАТО командата за операции, кој даде краток осврт на активностите во изминатите четири дена и Џеј Џенсен, директор на комуникациската дивизија во врховната команда на НАТО во Шејп, кој ги даде крајните заклучоци произлезени на конференцијата.
НАТО конференцијата за комуникатори беше отворена вчера во Националната филхармонија и е најголемата годишна конференција за комуникатори во Алијансата. Учествуваа околу 300 лица низ неколку панели посветени на стратегиските комуникации.