Идејата на Павле Трајанов за широка Владина коалиција не е лоша, но, кај нас, е тешко спроведлива, вели новинарот и политички коментатор, Веле Митаноски.

– Идејата, како таква, не е ниту проблематична ниту нешто ново. Демократскиот свет прибегнува кон таа алатка во моменти на политичка криза и нефункционалност на институциите. Од тој аспект ние “ги испоилнуваме условите!” за таков зафат. Парламентот е нефункционален подолго време. Еве преку личен пример. Осма година, во неколку парламентарни состави, аплицирам за член на Програмскиот совет на јавниот сервис. Не се состанува Комисијата за избори и именувања. За цело време, без легалитет, опстојуваат старите состави. Значи, самиот законодавниот дом, толерира и поттикнува нелегитимност на институциите. Уште полошо е со Уставниот суд. Да не говориме за економската криза, опкружувањето, војна во Украина, во која, преку НАТО, инволвирани сме и самите ние. Да заклучам: ако ја исклучам претпоставката, Павле да излегол во јавноста само да биде присутен, што не е аполитично, а Павле и Жоро (Зоран Димитроски) тоа често го ползуваат, намерата не му е лоша, но е тешко спроведлива, изјави Митаноски за „Локално“.

Веле Митаноски

Веле Митаноски

Според него, таквата идеја претпоставува минимум национален консензус кој ние го немаме.

– Тоа е можно во земји каде е предоминантен граѓанскиот концепт, додека кај нас етно-националниот дискурс се потиснува само колку “да не се сетат Власите”, и да се формира и одржува влада. После тоа, ниту партиите на Македонците, ниту на Албанците, не сакаат “придодатоци”, особено, не опозициски, освен оние што ги прибрале во предизборна коалиција. Би било поинаку, кога коалицирањето би било пост изборно. Да не го заборавиме Мајскиот договор, кој го наметна ДУИ. Кај нас власта се приграбува како можност да се стигне до националните ресурси. Се си мислам дека ДИУ тоа ќе го отфрли во старт, а СДСМ само “ќе се фемка, како млада невеста!”, пред јавноста, а , всушност, ќе работи против таквата можност!, заклучува новинарот Митаноски.

Политичкиот аналитичар Даут Даути смета дека идејата на лидерот на Демократскиот Сојуз ниту е нова, ниту е оригинална, но мотивите се сфатливи и разумни, во едно ненормално време од објективни кризи како што се пандемијата, војната во Украина и енергетстката криза.

Даут Даути

Даут Даути

– Една поширока општествена сплотеност на сите фактори за справување со овие предизвици, изгледа добра идеја заради поголемо единство, заради „распределба“ на одговорноста. Зависно од политичката култура, такво единство може да се постигне и без широка коалиција каде би влегле и партиите на власт и опозиција, со една коректна соработка меѓу нив, иако од наше искуство, тоа изгледа утопистички. Јас го разбирам мотивот на Павле Трајанов, кој како дел од владата сака да ја сподели одговорноста и за најделикатното прашање на уставните измени, но сепак не гледам изгледни шанси за нејзино остварување, бидејќи оваа ситуација е како лов во матно за опозицијата која нема намера да стане „соучесник“ во продолжување на животот на власта која ја смета за нелигитимна, туку има други прагматични намери: нејзино уривање, иако во вакви услови ни тоа не е некоја добра опција за нив, бидејќи би ги презела одговорностите кои веројатно не би ги презела, иако декларативно изгледа поинаку, изјави Даути за „Локално“.
Влада од политичко единство, додава тој, имавме само еднаш, 2001 година, но тогаш војната наметна таква опција, не верувам дека сега некој овие кризни ситуации од поширок објективен карактер, ќе ги натера скараните страни на политиката да ги седнат заедно.

– Со еден збор, намерата на Трајанов е добра и разумна, но неостварлива. Па дури и во најоптимистика варијанта да стане реалност, таа би била една влада во која не би се знаело „кој пие и кој плаќа“!, истакна Даути.

Берат Азизи

Берат Азизи

Од друга страна, политичкиот аналитичар Берат Азизи потенцира дека Северна Македонија се соочува со многу важен политички и економски предизвик, бидејќи мора да ги исполни условите на ЕУ, а тоа е францускиот предлог за почеток на преговори со ЕУ и надминување на економската и енергетската криза.

Според него, предлогот на Трајанов за формирање влада на широка коалиција е соодветен, но однапред мора да се создадат услови и јасно да се дефинираат целите за кои мора да се договорат политичките актери.

– Владата на широка коалиција ќе треба да ги одобри уставните измени за да се надмине првата пречка за интеграција, а као второ ќе треба да подготви долгорочен план за излез од економската криза. Овој предлог го носи и прашањето за предвремени парламентарни избори бидејќи јасно е познато дека владата на широка коалиција автоматски по 6 месеци треба да ја одведе државата на избори за кои мислам дека сегашните партии во владата не се подготвени. Од друга страна, ниту ВМРД-ДПМНЕ нема да се согласи да биде дел од проширен владин состав кој ќе треба да гласа за уставните измени за кои категорично беше против. Значи, предлогот на хартија важи, но во пракса верувам дека е невозможен поради условите што ги претставуваат политичките партии и интересите на различните групи, посочи Азизи за „Локално“.

Пратеникот и лидер на Демократски Сојуз, Павле Трајанов во последното телевизиско гостување предложи широка владина коалиција. Тој смета дека на ваков начин може да се помогне за решавање на кризата и подобро соочување со предизвиците.

– Моја сугестија е да се размисли за широка коалиција во која ќе бидат вклучени сите партии и ќе се вклучат сите капацитети во државата. Под широка коалиција мислам да влезе и ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски партии, вели Трајанов.

Д.Ј.